Кинеските медиуми пишуваат за најголемиот кинески товарен беспилотен дрон, кој го направи првиот пробен лет. Станува збор за дрон дизајниран за носивост од 700 килограми, придвижуван од два мотори, а минатиот викенд го имаше првиот успешен лет.
Дронот го направи компанијата Sichan Tengden Sci-tech Innovative Company од југоисточната кинеска провинција Сечуан, која е лидер во истражувањето, производството и примената на дронови на пазарот.
Станува збор за дронот AVIC HH-100, со распон на крилата од 16,1 метри и висина од 4,6 метри. Овие димензии го прават поголем од Cessna 172, популарен мал авион со четири патници. Дронот е лесен за товарење и растоварување, многу е сигурен и безбеден и содржи напредна технологија. Неговата задача е да обезбеди поддршка во воздушниот транспорт и да понуди информативни, паметни логистички решенија за економија на ниски височини.
HH-100 има досег од 520 километри, а следната година AVIC планира да го тестира дронот TP2000, кој има носивост од 2.000 килограми и ќе лета четири пати подалеку од HH-100.
Во Кина беспилотните летала веќе се користат за комерцијални испораки. Во мај Phoenix Wings, кој е во сопственост на гигантот SF Express, почна да испорачува свежо овошје од провинцијата Хаинан во јужниот дел на Гуангдонг користејќи беспилотни летала Fengzhou-90.
Експертите тврдат дека беспилотните летала ветуваат пократко време на испорака и помали транспортни трошоци, а истовремено го зголемуваат бројот на места за испораки на локации на кои инаку им недостасува инфраструктура за конвенционална авијација. Ваквите дронови би можеле да превезуваат луѓе и како дел од такси услугите.
(Klix.ba)
(фото: YouTube)