По Венеција и нејзиниот систем на плаќање за влез во градот, Рим станува следната италијанска дестинација што воведува ограничувања за пристап до еден од своите најпознати симболи.
Градските власти официјално потврдија дека од 7 јануари 2026 година посетите на Фонтаната Треви ќе бидат предмет на задолжителна влезница, со такса за туристите и бесплатни за римските жители.
Целта на новата мерка е да се зачува споменикот и да се намалат дневните толпи околу фонтаната, која е второто најпосетувано место во градот, веднаш по Колосеумот. Одлуката доаѓа по низа инциденти во изминатиот период, вклучувајќи го и случајот со турист кој скокна во фонтаната, што дополнително го покрена прашањето за контрола и безбедност на оваа област.
Според планот на Градскиот совет, областа околу фонтаната ќе биде организирана во две одделни зони – една за туристи и една за римски граѓани. Постојните бариери ќе бидат заменети со дискретни метални столбови, додека плаќањето на билетите ќе биде можно и со картички.
Идејата ја иницираше градскиот секретар за туризам и големи настани, Алесандро Онорато, кој повторно јавно го поддржа проектот во последните месеци.
Влезот за жителите на Рим ќе биде бесплатен, додека туристите ќе плаќаат симболични 2 евра. Сите приходи од продажбата на билети ќе бидат инвестирани во одржување на областа, контрола на приливот на посетители и вработување дополнителен персонал одговорен за редот и безбедноста.
Иако примарната цел е да се заштити споменикот, економските ефекти нема да бидат занемарливи. Според проценките на весникот „Кориере дела Сера“, новиот систем би можел да донесе околу 20 милиони евра годишно. Само во првите шест месеци од 2025 година повеќе од 5,3 милиони луѓе ја посетиле Фонтаната Треви – повеќе отколку што Пантеон имал во целата 2024 година.
Оваа одлука е дел од поширок европски тренд за борба против таканаречениот „прекумерен туризам“. Во текот на 2025 година бројни европски метрополи се соочија со граѓански протести поради масовниот прилив на туристи, зголемувањето на цените, вртоглавото зголемување на кириите и падот на квалитетот на секојдневниот живот.
Во овој контекст, потегот на Рим претставува прв сериозен обид хроничниот проблем со пренатрупаноста да се претвори во поконтролиран и одржлив модел на управување со еден од најпознатите споменици во светот.
(Bizlife)



