Францускиот производител на автомобили Renault соопшти дека ќе ги здружи силите со компанијата за воени дронови Turgis Gaillard за производство на дронови за француската војска, истакнувајќи го европскиот тренд на државни стимулации за цивилната индустрија да се вклучи во производството на оружје.
“Пред неколку месеци француското Министерство за одбрана ни испрати барање за проект за развој на француско производство на дронови“, изјави извршниот директор за развој на Renault, Фабрис Камболив, за француската телевизиска станица BFM TV, потврдувајќи дека имплементацијата веќе започнала.
Според извештајот на францускиот весник Les Echos, Renault и Turgis Gaillard треба да произведат дрон со долг дострел за набљудување и извидување, со целно производство од 600 авиони месечно.
Договорот со почетна вредност од 35 милиони евра би можел да му донесе на Renault приход од 1 милијарда евра во период од 10 години.
Дронот Chorus ќе биде опремен за мисии за напад и собирање разузнавачки информации, надзор и извидување (ISR).
Renault не потврди детали за видот на дронови што ќе ги произведува, ниту ја откри вредноста на договорот.
Претседателот Емануел Макрон постојано ги повикува компаниите да се свртат кон „воената економија“, а на почетокот на месецот ги предупреди производителите на оружје дека мора да го забрзаат производството и да бидат поефикасни за да не мора армијата да купува опрема од други европски добавувачи.
(Reuters)



























