Програмата Еразмус+, една од најголемите иницијативи на Европската Унија за образование, обука, млади и спорт, во изминатите четири децении им овозможи нови можности на повеќе од 16 милиони луѓе ширум Европа и светот.
Во моментов се подготвува новата генерација на програмата за периодот 2028–2034 година, која треба да биде поголема, посилно поврзана со другите европски иницијативи за млади и образование и со поизразена политичка координација.
Европските законодавци веќе постигнаа договор што се смета за прв важен чекор кон идните преговори со Европскиот парламент. Според министерката за образование на Кипар, Атена Михаилиду, договорот претставува значајна пресвртница за иднината на програмата. Таа истакна дека Еразмус+ веќе променил милиони животи и дека целта е тоа да продолжи и во иднина.
Новата верзија на програмата ќе продолжи да поддржува размена на млади, иницијативата DiscoverEU и активности во областа на аматерскиот спорт. Дополнително, ќе се овозможи поддршка за мобилност и обуки за лица активни во спортскиот сектор.
Европската комисија предложи Еразмус+ да се обедини со Европски корпус за солидарност, а за новиот циклус е предвиден буџет од 40,8 милијарди евра. Програмата ќе се темели на два столба – можности за учење достапни за сите и поддршка за јакнење на капацитетите.
Предлогот воведува и нов концепт на „делумно придружување“ за држави кои не се членки на ЕУ. Советот на ЕУ дополнително ги разработува условите под кои една држава може да добие ваков статус, при што ќе мора да ги почитува вредностите на Европската Унија.
Програмата Еразмус+ постои од 2014 година и е една од најголемите европски програми што финансира мобилност и соработка во образованието, младинските политики и спортот. Нејзината цел е преку доживотно учење да го поддржи образовниот, професионалниот и личниот развој на граѓаните.
Во програмата учествуваат земји-членки на ЕУ, но и други држави со различен степен на вклученост. Покрај членките на Унијата, полноправно учествуваат и Македонија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Турција и Србија.
Во Еразмус+ можат да учествуваат универзитети, училишта, организации за обука, граѓански организации, локални самоуправи, мали и средни претпријатија и други институции што работат во областа на образованието и младите.
(Radio MOF)
Фото – Flickr



























