Секое десетто лице (девет проценти) доцнело на работа затоа што претходната вечер гледало фудбалски натпревар од Светското првенство, без разлика дали станува збор за натпревар на хрватската репрезентација или за друго натпреварување, покажа истражувањето на компанијата „Алма Кариер Кроатија“, најпозната по порталот „МојПосао“.
„Алма Кариер Кроатија“ спроведе анкета меѓу 250 испитаници прашувајќи дали гледањето натпревари од Светското првенство влијаело на нивната работа и дали доцнеле на работа или земале слободни денови поради фудбалот. Поголемиот дел од навивачите, покажа анкетата, не дозволуваат нивната работа да страда поради натпреварите, но пет проценти од испитаниците земале слободен ден или ден за одмор за да можат да го следат првенството без прекин.
Речиси половина од испитаниците, 45 проценти од нив, наведуваат дека го следат Светското првенство, но и дека функционираат нормално на работа. Некои од нив избираат натпревари што се играат во поприфатливо време, додека ги прескокнуваат натпреварите доцна навечер. Други признаваат дека гледаат и натпревари што завршуваат до доцна во ноќта, но нагласуваат дека тоа не влијае на нивната работа.
Од друга страна, 41 процент од испитаниците изјавиле дека не го следат Светското првенство во фудбал. Некои едноставно не се заинтересирани за фудбал, за други датумите на натпреварите се предоцна, додека некои од испитаниците го следеле натпреварувањето само кога Хрватска била во игра.
(Financije.hr)
Фото – in-fo-stires.blogspot.com




























