Многу од најдобрите светски градови се идеални за истражување пеш, додека други се одликуваат со одличен јавен превоз што овозможува брзо совладување на големи растојанија, пренесува Time Out.
Сепак, возењето велосипед ги нуди предностите на двете опции: брзо ве носи од точка А до точка Б, а истовремено ви овозможува да уживате во градската атмосфера и знаменитостите. Постојат многу градови низ светот кои се одлично прилагодени за овој вид превоз на две тркала. Најдобрите меѓу нив штотуку беа прогласени во глобална ранг-листа, заснована на мислењата на локалните жители за тоа колку е лесно да се вози велосипед во нивниот град.
На врвот и на европската и на глобалната листа се наоѓа англискиот град Кембриџ, каде што 83,2 отсто од жителите го оценија возењето велосипед како „добро“ или „одлично“. Фактори што придонесуваат за тоа се рамниот терен и умерените временски услови, а возењето велосипед совршено се вклопува и во академскиот дух на градот.
Копенхаген го зазеде второто место во Европа и третото во светот, со 79,2 отсто позитивни оценки, додека Виена се најде на третото место во Европа и петтото во светот, со 77,7 отсто.
Најголемо изненадување беше Ротердам. Бидејќи рангирањето опфаќаше по еден град од земја, тој го надмина Амстердам – вистинска сила во светот на велосипедизмот – и ја претставуваше Холандија. Вкупно 69,3 отсто од анкетираните жители изјавија дека е лесно да се вози велосипед во вториот по големина холандски град, кој се пласираше на седмото место во Европа и на 13-тото во светот.
Најдобри европски градови за возење велосипед во 2026 година:
1.Кембриџ
2.Копенхаген
3.Виена
4.Варшава
5.Стокхолм
6.Севиља
7.Ротердам
8.Хелсинки
9.Франкфурт
10.Луксембург
(N1/Timeout.com)
(фото: Pick Pik)




























