Отворен е Повик за изразување интерес во рамки на Регионалниот фонд за иновации – EWI, којшто е наменет за поддршка на иновативни и веќе валидирани решенија кои можат да придонесат за поголема економска инклузија на жените во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Регионалниот фонд е воспоставен како дел од регионалниот проект „Економско вклучување и правда за жените од Западен Балкан – EWI“, којшто е спроведуван од од CARE Balkans со локални партнерски организации од четири земји од Западен Балкан, меѓу кои и Консалтинг за стратешки развој како партнерска организација од Северна Македонија, со поддршка на Австриската агенција за развој (ADA) во рамки на Програмата за меѓународни партнерства на Австрија.
Повикот е насочен кон веќе валидирани иновации, а не кон идеи во рана фаза, кои имаат јасен и мерлив придонес кон економската инклузија на жените и е отворен за тимови предводени од жени од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Особено се охрабруваат решенија поврзани со: подобрување на пристапот на жените до пазари, финансии и можности за вработување и самовработување; дигитални решенија и технологии што отвораат нови економски можности; зелени и еколошки иновации, вклучително и модели на циркуларна економија; нови деловни, финансиски и модели за вработување; решенија со потенцијал за раст, репликација и примена во други заедници или земји од регионот. Целта е да се препознаат и поддржат решенија кои можеби веќе функционираат во пракса, но имаат потенцијал да постигнат пошироко влијание, да се прошират или да се применат и во други средини.
Вкупниот фонд за директна финансиска поддршка изнесува 54.000 евра. Планирано е да бидат финансиски поддржани две до три иновации, со максимален износ до 27.000 евра по избрана иновација.
Поддршката не е само финансиска. Околу 6 до 8 избрани тимови ќе добијат можност да учествуваат во четиринеделна онлајн менторска и акцелераторска програма, преку која ќе ги доразвијат своите решенија и ќе се подготват за финалната фаза на избор. По завршувањето на програмата, тимовите ќе поднесат финална апликација, а до пет финалисти ќе се натпреваруваат на регионален настан за презентација на иновациите.
Заинтересираните тимови треба да ја достават својата апликација најдоцна до 1 октомври 2026 година, до 23:00 часот по CET (краен рок за аплицирање).
Кандидатите треба да го пополнат Формуларот за изразување интерес и да ја достават целокупната задолжителна документација согласно насоките во Повикот. Комплетната апликација се доставува преку WeTransfer на ewi.balkans@care.de. Деталните критериуми за подобност, насоките за аплицирање, формуларот и потребните анекси се достапни на официјалната веб-страница на CARE Balkans: https://care-balkan.org/2026/09/02/ewi-regional-innovation-fund-call-for-expressions-of-interest-now-open/






























