Цената на нафтата од типот „Брент“ падна за време на раното тргување на азиските пазари денес. Ова следи по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги суспендира санкциите и царините кон Русија, што доведе до очекувања на пазарот за зголемување на рускиот извоз на горива.
Според Ројтерс, фјучерсите за нафтата „Брент“ паднаа за 1,43 долари – или 1,3 отсто – на 108,43 долари за барел. Американската нафта од типот WTI поевтини за 53 центи, односно 0,52 отсто, достигнувајќи цена од 100,88 долари за барел.
Овој пад доаѓа по затворањето на тргувањето во петокот, кога нафтата „Брент“ го достигна своето највисоко ниво од 19 мај. Претходно истиот ден цената накратко достигна 110 долари за барел, поттикната од тензиите на Блискиот Исток и загриженоста за безбедноста на трговските бродови.
Податоците од компанијата Kpler покажуваат дека нападите врз трговските бродови минатата недела го намалиле извозот на сурова нафта од Заливот на приближно 8,5 милиони барели дневно – што е пад од над 20 милиони барели дневно, колку што изнесувал извозот претходната недела.
Во петокот Трамп потпиша извршна наредба со која се суспендираат клучните санкции и царини кон Русија. Овие мерки се дел од таканаречениот „Закон Греам“ (Graham Act), кој Трамп го потпиша минатиот месец на барање на законодавците кои сакаат да го зголемат притисокот врз Москва поради војната во Украина.
Санкциите требаше да стапат на сила за неколку дена. Суспензијата се однесува и на предложените царини за земјите што увезуваат руска нафта.
(Klix.ba)
(фото: Pexels/Jan Zakelj)





























