Астрономите ја открија првата зелена ѕвезда во историјата, а новото истражување покажува дека небесните тела всушност можат да постојат во широк спектар на различни бои.
Бојата на повеќето ѕвезди е одредена од нивната температура; постудените ѕвезди обично се портокалови, додека најжешките изгледаат бледосини, пренесува британскиот медиум „The Independent“.
Претходно, истражувачите веруваа дека белите џуџиња – ѕвездените остатоци што преостануваат откако ѕвездите ќе го потрошат своето нуклеарно гориво и ќе го завршат својот животен циклус – го следат истиот образец.
Новото истражување сугерира дека, и покрај нивното име, белите џуџиња всушност можат да имаат широк спектар на бои.
„Кога би можеле да им се приближиме, тие би изгледале розови, сино-зелени, жолти, виолетови, па дури и зелени“, наведуваат авторите на студијата. Марк Холандс од Универзитетот во Ворвик, кој го предводеше истражувањето, објаснува дека повеќето ѕвезди – вклучително и поголемиот дел од белите џуџиња – се однесуваат како „совршени радијатори“, што значи дека нивната боја е речиси целосно одредена од нивната температура.
„Излегува дека овие неверојатно густи ѕвезди можат да произведат бои што никој не ги очекувал, а некои од нив навистина ме изненадија“, рече Холандс.
Истражувањето покажува дека бојата е одредена од материјалот присутен во атмосферата на ѕвездата, што овозможува тие да се класифицираат во различни групи. Оние што се богати со јаглерод изгледаат розови или виолетови, оние опкружени со остатоци од стари планетарни системи изгледаат жолти, додека постудените ѕвезди со атмосфери составени од водород и хелиум се сини.
(021)
(фото: Pexels/Dima)






























