23 C
Skopje
петок, септември 25, 2020

Иновациите и технолошкиот развој се огромно поле за соработка меѓу Израел и Македонија!

TMF desktop 19.08.2020

Неговата екселенција Дан Оријан е нерезидентен амбасадор на Израел во нашата земја. Човек од акција, активен гимнастичар, човек со спортски и позитивен дух и најважно од се дипломат насочен кон остварување резултати. Тој минатата недела беше во Република Северна Македонија и оствари бројни активности, како отворање на изложба со фотографии од проектот за еврејските гробишта во Битола, реализирање на активноста „Да скокаме заедно“ со цел да се подигне свесноста за поголема инклузија на лицата со попреченост во спортски активности. „Да скокаме заедно“ беше реализирана во Сити Мол во Скопје и во Охрид, а во неа учествуваат религиозни и нерелигиозни лица, Евреи, Арапи и луѓе со попречености, кои се битен дел од агендата на амбасадорот. Имаше и средби со министрите за здравство и за култура, со градоначалниците на Битола и на Охрид и со претседателот Стево Пендаровски. Амбасадорот учествуваше и во церемонијата за оддавање почит на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

На агендата на амбасадорот беше и делегацијата составена од претставници на македонскиот иновациски и стартап еко систем кој пред три месеци беше на студиска посета во Израел. Делегацијата беше составена од претставници од Стартап Македонија, Сивус акцелератор, УКИМ акцелератор, Македонска Берза, CEED hub, технолошкиот парк на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Mинистерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, претставници од неколку компании и порталот Иновативност, а со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот еко-систем.

Делегацијата од иновацискиот и стартап еко-систем

Првото прашање до амбасадорот беше кои се неговите впечатоци за активностите на оваа делегација кои навистина се интензивираа по враќањето од Израел?

Денес имав прекрасна средба со делегацијата што го посети Израел во рамките на турнејата „Startup nation“ којашто ја правиме заедно со УСАИД и ми беше многу мило што видов какво влијание оставила посетата врз членовите од делегацијата. Поканувам и други луѓе да дојдат и да го видат нашиот екосистем и да го искусат она што го видовте вие. Гледам потенцијал за битни партнерства почнувајќи од универзитетот, потоа сите партнери од екосистемот на конкретни теми. Сега зборувавме за заеднички хакатон кој ќе се организира во Северна Македонија со цел да се најдат решенија за загадувањето на воздухот, понатаму иновации во образованието итн. Тоа се теми на кои се работи во Израел и се многу битни за нас, а сега гледам дека се битни и во вашата земја.

Според мене, има многу можности за соработка. Сакам младите, но и поискусните да работат заедно. Го гледам потенцијалот и мило ми е што членовите на делегацијата по враќањето од Израел  редовно се среќаваат. Ако тоа му помогне на екосистемот тука, сум исполнил една од моите две мисии. Втората мисија е да го запознаам народот овде со она што се случува кај нас во Израел и кои се можностите за заедничка соработка.

Минатонеделната средба со претседателот Стево Пендаровски

Споменавте дека веќе планирате некои одредени активности оваа есен. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

Разговараме со многу од организациите овде да организираме еден голем хакатон наесен во Скопје на тема загадување на воздухот. Се надевам дека многу партнери од Израел, односно експерти, компании и млади луѓе ќе учествуваат на хакатонот. Размислуваме да организираме и семинар на кој експерти ќе зборуваат за тоа што веќе е направено во тој поглед. Имам информации дека некои израелски компании веќе имаат поднесено понуди до некои општини во Северна Македонија и тие ќе бидат едни од партнерите. Сакаме тим од новинари да дојде во Израел со цел да пренесат многу од успешните, но и неуспешните приказни на нашите компании. Отворени сме за партнерство на многу полиња. Секоја организација која што има сериозна понуда на која и треба израелска помош е добредојдена.

Од средбата со министерот за здравство Венко Филипче

Во текот на нашата средба споменав еден нов стартап од Израел кој прави чуда. Стартапот се вика Steps. Направи апликација за телефон која ви овозможува да поставите „чекор“ и да обележите некое место на мапа. Мапата е интерактивна и им овозможува на луѓето да покажат некои можеби не толку познати места и да ги претстават на светот. Првиот „чекор“ кој јас го ставив во Северна Македонија беше во Музејот на холокаустот. Во исто време некој стави чекор во гробиштата во Битола. Тоа беше д-р Речјел Леви Драмер од Универзитетот Бар Илан, која е ќерка на последниот еврејски доктор кој работел во вашата земја, а бил жртва на земјотресот во 1963 година. Ако сте првата личност која ставила чекор на мапата на некое место, на мапата ќе се прикажува и вашето име. Ги охрабрувам сите да го направат тоа, за некое место кое е важно за нив или нивната заедница.

Забележавте ли некаков напредок и позитивна промена во земјава во текот на изминатите пет години колку што сте амбасадор во нашата земја?

Можам да забележам промени во Република Северна Македонија речиси на секое поле, а секако има големи промени и на полето на иновациите. Поточно, тоа е огромен скок напред. Навистина можам да видам нов елан на тоа поле. Има многу луѓе со доволно мотивација и енергија за промени. Кога дојдов имаше многу луѓе кои се занимаваа со иновации, но немаа верба дека ќе успеат. Ставот на Израелците е сосема поинаков. Тие велат: знаеме дека е тешко, дека е невозможно, но ќе го направиме тоа. Тоj став во комбинација со љубовта кон татковината функционира совршено. Секако, во текот на овие пет години видов и многу несогласувања во Македонија, претерана бирократија, многу корупција. Се надевам дека ситуацијата ќе се подобри.

Еден од проектите со коишто се гордеете е поектот поврзан со еврејските гробишта во Битола. Можете ли да ни кажете подетално за што се работи?

Тоа е проект кој уште е во тек. Минатата недела имавме изложба во центарот на Скопје, на која беа изложени околу 30 фотографии од настаните кои ги организиравме во март во Битола. На 11 март 1943 година 7.144 Евреи од Македонија биле однесени во Монополoт во Скопје, а оттаму во полскиот логор Треблинка. Тој настан е дел од нашата, но и од вашата историја. Мислев дека е неопходно да се раскаже нивната судбина и тоа беше дел од мојата мисија изминатите години, која можам да кажам дека добро ја завршив. Тоа е нешто што ги заинтересира сите медиуми, но ја заинтересиравме и јавноста. Сега имаме илјадници луѓе кои заедно со нас секоја година маршираат на Маршот на живите во Битола и се надеваме дека идниот марш ќе имаме уште повеќе луѓе. Ние бараме посебни начини да ја раскажеме приказната на Евреите одовде. Затоа го организиравме хакатонот Bitolon, каде што имаше повеќе од 100 млади луѓе од Северна Македонија кои не се Евреи кои дојдоа да кодираат и да најдат иновативни и технолошки решенија да се раскаже оваа приказна. Учестуваа УКИМ, битолскиот универзитет, многу организации, израелски универзитети, израелски институции и акцелератори. Главниот судија беше поранешниот министер за наука на Израел. Вашиот министер за одбрана не покани финалето да го одржиме во Министерството за одбрана.

Имаме многу нови идеи како да ја раскажуваме приказната за Евреите, за луѓето кои некогаш биле дел од вашата нација и за градот Битола во кој денес има само едно еврејско семејство. Таа приказна е многу битна за нас, па затоа имаме разни иновации преку кои во секоја земја на речиси секое поле ја раскажуваме нашата приказна.

Нашиот министерот за ерусалимски работи и за заштита на животната средина, Зеев Елкин дојде специјално за Маршот на живите и тоа беше првата посета во Северна Македонија од израелски министер во последните седум години. Тој заедно со вашиот министер за образование Арбер Адеми ја отворија Ерусалимската патека до гробиштата. Сето тоа го имаше на фотографиите кои беа изложени на изложбата. Таа изложба претходно еден месец беше изложена во израелското Министерство за надворешни работи во Ерусалим. Можам слободно да кажам дека досега немало ниедна друга изложба во Министерството од кој било друг балкански град освен Битола. Размислуваме идната година да организираме уште еден хакатон.

Какви беа резултатите од првиот хакатон?

Г-ѓа Тања Марковска од УСАИД предава благодарница на амбасадорот Оријан во име на делегацијата од стартап еко-системот

Еден од проектите, кој го поврзавме со разни музеи од светот,  е проектот за виртуелен интерактивен музеј на Холокаустот. Сите 25 победнички проекти дојдоа во Израел и беа претставени во израелските институции за Холокаустот и во повеќе акцелератори. Се надевам дека идната година ќе го имаме вториот хакатон. Тој проект крие голем потенцијал не само за соработка на полето на иновациите, туку има голема историска вредност. Ние проектот го гледаме како мост за уште подобра соработка на двете земји во иднина.

Може ли да ни кажете каква економска соработка ќе произлезе од проектите кои досега ги реализиравте и дали има некои израелски компании кои сакаат да дојдат да инвестираат во нашата земја?

Има се поголем интерес од компаниите од Израел на полето на здравство и животна средина, а имаме добро партнерство во воениот сектор, во обуките за пилоти. Се отвораат многу можности, од кои некои произлегоа од посетите на македонски експерти во Израел. Гледам голем потенцијал и се надевам дека во иднина ќе се отворат уште повеќе можности за соработка.

Долго време вашата земја имаше нестабилности во владеењето и се надевам дека сте фокусирани кон поголема стабилност, кон Европската унија. Секоја недела по тројца-четворица бизнисмени од Израел ми се јавуваат да ми кажат дека се подготвени да дојдат во Северна Македонија, па јас сега барам партнери и мислам дека има огромен потенцијал.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •