Платформата за онлајн-продажба Amazon нарача 100.000 доставни возила со електричен погон и најави други мерки за заштита на климата. Шефот Џеф Безос очекува и други големи компании да го повторат неговиот чекор.
Американскиот концерн Amazon си постави амбициозни цели за заштита на климата и нарача 100.000 електрични возила за достава на пратки. Тоа е дел од иницијативата „Climate Pledge“ со којашто компанијата сака да ја смали или неутрализира емисијата на штетни материи, за да стане климатски неутрална до 2040 година. Основачот на компанијата Џеф Безос ќе се залага неговиот чекор да го следат и други големи компании. „Ако Amazon со својата огромна инфраструктура и со испораката на околу десет милијарди пакети годишно може да исполни такви цели за заштита на климата, тогаш може и секоја фирма,“ изјави Безос.
По 2030 година, целата енергетска потрошувачка на Amazon ќе се покрива од обновливи извори. Amazon за таа цел ќе вложи 100 милиони американски долари во проекти за пошумување.
Првите доставни возила со електричен погон ќе бидат пуштени во служба во 2021 година, за потоа да следат натамошни испораки, до крајните 100.000 возила. Според Amazon, тоа е најголема нарачка на електрични возила во историјата. Возилата ќе ги произведува компанијата Rivian во американската сојузна држава Мичиген. Amazon во специјалистот за производство на електрични возила има вложено 440 милиони долари.
(Извор – automedia.mk)