1.2 C
Skopje
сабота, јануари 18, 2020

Студенти на Машинскиот факултет во Скопје изработија иновативен скејтборд за деца со посебни потреби

Kabtel desktop

Разговараше – Сања Наумовска

Скејтборд за деца со посебни потреби, со кој ќе можат да се забавуваат, но и да вежбаат, е иновацијата на четворица студенти на Машинскиот факултет во Скопје. Под водството на професорот Атанас Кочов, студентите од четврта година на насоката Производно инженерство: Анастасија Игњатовска, Фросина Максимоска, Ангел Анѓушев и Бобан Кусигерски дизајнираа и изработија прототип на скејтборд, кој во текот на следните месеци ќе добие и понапредна варијанта.

Се почнало како дел од практичната работа на предметот Компјутерски поддржано инженерство, и предизвикот што им го поставил професорот Кочов. Предизвикот требало да резултира со иновација што ќе служи за забава на дечињата со посебни потреби во скејт парковите, која едновремено ќе биде и забавна и безбедна.

Средбата со малиот Иво, детенце со посебни потреби кое прво го тестираше скејбордот, и со неговите родители, како и консултациите со доктори од повеќе клиники во Клиничкиот центар во Скопје и специјалисти од Центарот за церебрална парализа, на Фросина, Бобан, Ангел и Анастасија им отвориле и други перспективи за нивната иновација. Сега тие работат на прилагодување на скејтбордот како помагало при изведување на вежбите од физикалната терапија која им е неопходна на лицата со посебни потреби. Идејата на проф. Кочов за науката, наставата и практичните проекти да се искористат за доброто на заедницата ќе стане реалност.

„Многу сме среќни бидејќи предизвикот што ни го постави професорот за да ни ги тестира знаењата всушност ќе излезе дека е многу повеќе. Дека може да има ефекти врз целото општество, а особено ме радува што веќе усреќи едно детенце. Професорот Кочов ни укажа чест да бидеме дел од овој проект, од кој многу научивме и заради тоа многу сме му благодарни“, вели Ангел.

Тој и неговите колеги раскажуваат дека насмевката на детето кое се исправило во конструкцијата на скејтбордот е незаменлива и му дава смисол на тоа што тие го работат. Според Анастасија, насмевката на Иво е најдобрата препорака и критика што ја добиле, бидејќи децата не знаат да направат лице. Неговата среќа, вели таа, била искрена и вистинска, а тоа им дава поттик да создадат што подобро помагало. Додека не почнале да работат на проектот никој од нив не знаел ништо за овие состојби, ниту пак познавале луѓе со посебни потреби. Како тие да се невидливи за луѓето и генерално, за нашето општество.

„Она што го размислувавме само од инженерски аспект, многу брзо доби и поинаква димензија, социјална, хумана. Сфативме дека можеме да придонесеме за подобрување на животот на лица кои често се стигматизирани во нашето општество. Заради тоа и планираме прототипот да биде презентиран во скејт паркот, за да го видат што повеќе луѓе и за да прифатат дека и оние кои се малку поразлични од нас имаат многу можности“, вели Бобан.

Изработката на скејтбордот за деца со посебни потреби започна на почетокот на ноември минатата година, а пред крајот на годината беше готов и прототипот. Конструкцијата е изработена од челични цевки со различен дијаметар и има четири тркалца кои ја движат во сите правци. На основата е прицврстен и скејтбордот со алпинистички јажиња кои издржуваат до 600 килограми и обезбедуваат сигурност. Ова е привремената опција, врз основа на која ќе се дизајнираат и развијат уште два прототипа, за да се создаде вистинско помагало.

При дизајнирањето ќе се користат и сугестиите од докторите, со цел да се подобри помагалото и да има и медицински бенефит, односно да се користи за физикална терапија и различни вежби. Децата со попречености, според кажувањата на докторите, често не ги сакаат вежбите кои им се задолжителни и се противат да работат на справите. Сепак, искуството со Иво и неговото задоволство може да значи ново искуство со скејтот на студентите и олеснување на вежбите. За некои деца, вели Анастасија, е доволно само да се најдат во вертикална позиција и да ја почувствуваат тежината на своето тело, бидејќи ниокогаш немале можност да го направат тоа. На други, пак, скејтбордот ќе им овозможи да направат по некој чекор.

Дизајнерите велат дека иако конструкцијата изгледа гломазно, направата лесно се расклопува. Има модуларност за различни висини и може да издржи до 60 килограми тежина. Размислуваат и за опции долу да нема скејт, по препораки од ортопедите, на пример, може да има и платформа која ќе се движи во сите насоки, процврстења со јажиња.

„Засега немаме амбиции, ниту пак размислуваме дали скејтбордот ќе стигне до фазата на комерцијализација, но задоволни сме што професорот и Факултетот обезбедија средства и услови да создадеме три прототипа, од кои секој следен ќе биде оптимизација на претходниот и ќе обезбеди поширока примена. Дизајнот веќе е презентиран во Europe house, од каде добивме покана да го презентираме и прототипот. Трошоците ги покри Ротари клубот Скопје Интернационал, а конструкцијата е од фабриката Брако од Велес“, нагласува Ангел.

Posted by Atanas Kochov on Понеделник, 23 декември 2019

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •