Со иновативна in vitro технологија, македонската компанија „Плант инжинеринг“ произведува микрорастенија од брокула, рукола, ротквица, сончоглед, амарант, босилек, коријандер, синап, грашок и зелка. Тие, во три различни комбинации на салати, наскоро ќе можат да се купат во домашните маркети. Микрохраната е еден од најголемите трендови на денешницата, позната и како супер храна, заради своето богатство со витамини, минерали и антиоксиданти и позитивното влијание на здравјето на луѓето. Микрорастенијата се користат како свежа храна или како додатоци во салата, сендвич или готвена храна, може да се користат и како блендирано свежо смути или мешани сокови или како прилог во разни оброци во кулинарството
Компанијата е формирана во 2018 година, од проф.д-р Соња Гаџовска –Симиќ, редовен професор по предметот Растителна физиологија и Молекуларна биологија на растенија на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, како спин-оф компанија на факултетот. Таа вели дека заедно со тимот на „Плант Инженеринг“ имаат развиено прототипови на микрорастенија од многу градинарски култури како домат, пиперка, краставица, рукола, морков, синап, амарант и други. Имаат и овошни видови како винова лоза, киви, гоџи, боровинка, како и ароматични и лековити растенија, кантарион, невен, маточина, лофант…
Гаџовска –Симиќ вели дека, со својата работа на развој на иновативни технологии, освен што на потрошувачите ќе им овозможат пристап до здрава и безбедна храна, со „Плант инжинеринг“ целат и кон зајакнување на севкупното домашно земјоделско произвоство и неговата конкурентност на странските пазари.
Разговараше – Сања Наумовска
Проф. Гаџовска –Симиќ , компанијата „Плант Инженеринг“ произведува микрорастенија со специфична и иновативна технологија. Објаснете ни ја подетално in vitro технологијата за производство на храна?
Терминот in vitro значи во стакло и оваа технологија се користи за размножување на растенија во стаклени лабораториски садови на хранлива подлога што содржи сахароза, минерали, витамини и агар. Како почетен материјал за размножување на растенијата во in vitro услови може да се користи семе или да се изолираат мали делови (пупка, лист, изданок) од растение-донатор. Растителните in vitro култури се одржуваат во клима-комора под контролирани асептични услови температура, релативна влажност, интензитет на осветлување и фотопериодизам. Со оптимизација на условите за растење се овозможува контролирано временско планирање на производство на млади микрорастенија во текот на целата година. Размножувањето на растенијата во in vitro услови е познато како микропропагација и наоѓа широка примена во комерцијалното производство на многу градинарски, овошни, декоративни, лековити и ароматични растенија.
Што е тоа што е ново во овој начин на производство?
Плант Инженеринг е компанија чија приоритетна дејност е истражување и експериментален развој во растителната биотехнологија. Компанијата располага со високософистицирана и модерна лабораториска опрема за комерцијално производство на микрорастенија. Важно е да се напомене дека станува збор за органско растително производство под строго контролирани услови без присуство на агротехнички или хемиски препарати. Производство на микрорастенија се одвива во текот на целата година независно од сезоната и надворешните еколошки фактори. Микрорастенијата се развиваат подобро за разлика од растенијата кои се произведуваат по конвенционален пат во надворешни природни услови, поради тоа што се ослободени од патогените микроорганизми (virus-free plants). Овој технолошки процес ќе ја зголеми нашата конкуретност на пазарот, поради тоа што микрорастенијата имаат поголем принос и подобар квалитет, а секако имаат и конкурентна цена на пазарот.
Какви микрорастенија произведува „Плант Инженеринг“?
Тимот на „Плант Инженеринг“ има развиено прототипови на микрорастенија од многу градинарски култури како домат, пиперка, краставица, сончоглед, ротквица, брокула, рукола, зелка, морков, синап, амарант и други. Во нашиот производен каталог на веб страната www.plantengineering.mk има и овошни видови (винова лоза, киви, гоџи, боровинка), како и ароматични и лековити растенија (кантарион, невен, маточина, лофант). Тие се млади растенија составени од изданок заедно со првиот пар на листови со висина од пет до десет сантиметри. Микрорастенијата се користат како свежа храна или како додатоци во салата, сендвич или готвена храна, може да се користат и како блендирано свежо смути или мешани сокови или како прилог во разни оброци во кулинарството. Овие мали микрорастенија можат да имаат зелена, жолта, црвена или виолетова боја, поседуваат карактеристична арома и интензивен вкус на слатко, кисело, неутрално или пикантно.
„Плант Инженеринг“ креираше три комбинации на мешани микросалати кои за прв пат ќе бидат дистрибуирани во ланецот на „Тинекс“ маркетите до крајот на оваа година. Тоа се:
– Микроатиокс/Имуномикс од брокула, рукола, ротквица, сончоглед и амарант,
– Микроароматик/Аромамикс од сончоглед, рукола, ротквица, босилек и коријандер,
– Микропикант/Пикантмикс од ротквица, синап, грашок, зелка и сончоглед.
Овие мешани микросалати искрено ги препорачуваме на потрошувачите како извор на витамини, минерали, антиоксиданти и растителни влакна кои учествуваат во спречување на срцеви, невродегенеративни и канцерогени заболувања, регулирање на телесната тежина, како и во зајакнување на менталното и физичкото здравје.
Дали можеби ќе ја проширите листата и со производство на други видови микрорастенија?
Секако, листата на микрорастенија се проширува постојано зависно од потребите на потрошувачите. Освен тоа што микрорастенијата можат да се консумираат како свежа салата, тие можат да се користат и како расад и саден материјал во земјоделство или како декоративни садници вo хортикултура. Од посебно значење е примената на микрорастенијата како суровини за подготовка на фитопрепарати во фармацевтска и козметичка индустрија или како зачини, ароми и суплементи во прехранбената индустрија.
Какви услови и нега бараат микрорастенијата во процесот на одгледување?
Производство на микрорастенија во in vitro услови опфаќа неколку фази: подготвителна фаза, во која се подготвува хранлива подлога, воведување на растителниот материјал во in vitro услови кога се врши засејување на семето на хранлив медиум и од него се развива младо микрорастение, а потоа и мултипликација или размножување кога од младото микрорастение се изолираат и култивираат врвни или странични пупки од кои се развиваат нови изданоци кои се размножуваат со цел да се добијат што поголем број на мултиплицирани изданоци. Следно е вкоренувањето, што е фаза кога мултиплицираните изданоци се субкултувираат на подлога за вкоренување за да се регенерираат нови микрорастенија, па аклиматизација на микрорастенијата во смеса од вермикулит и перлит. На крај е колекционирањето и пакувањето на микрорастенијата како свежи микросалати и нивна дистрибуција до потрошувачите. Микросалатите се одржуваат во ладилник на темпрература од четири Целзиусови степени и имаат рок на траење од седум до десет дена.
Велите дека ги препорачувате салатите од микрорастенија на секој купувач. Што е бенефитот од консумирање на микрохраната?
Микрорастенијата кои ги произведува „Плант Инженеринг“ претставуваат висококвалитетен производ што ги задоволува сите економски, еколошки и фитосанитарни стандарди. Kонсумирањето на микрохрана претставува вистинска нутритивна бомба во споредба со конвенционалниот зеленчук кој често се користи термички обработен во дневните оброци при што се губат хранливите материи и термолабилните витамини. Микрорастенијата имаат од четири до 40 пати поголема нутритивната вредност во споредба со истите возрасни растенија. Микроброкулата и микроротквицата содржат 10 пати повеќе витамин А, B6 и C во споредба со возрасните растенија во фаза на цветање. Црвената микрозелка има 400 пати поголема содржина на витамин Е, 60 пати повеќе витамин К и 6 пати повеќе витамин C во споредба со црвената зелка во фаза на полна зрелост.
Дали микрохраната е прифатена на нашиот пазар, какви се реакциите на купувачите?
Микросалатите денес се познати како „функционална храна“ или „супер храна“ богата со витамини, минерали и антиоксиданти. Оваа микрохрана како свежа и здрава храна секако дека предизвикува голем интерес кај потрошувачите. Со консумирање само на неколку грами од различни микросалати, купувачите ќе можат целосно да ги задоволат дневните потреби од витамините C, Е и К. Според научните податоци се смета дека човекот може да ја исполни дневната препорачана доза на витамин C ако внесе само околу 40 g црвена микрозелка. Дневните потреби од витамин Е кај човекот се исполнуваат со внесување на околу 15 g микроротквица, а дневните потреби од витамин К се задоволуваат само со внес на 20 g микроамарант. Се надеваме дека преку нашата маркетинг кампања во периодот што следи дополнително ќе ги едуцираме потрошувачите за бенефитите од консумирањето на микросалатите.
Кои се вашите планови, дали можеби имате услови за извоз?
Комерцијалното производство на микрорастенија ќе има позитивно влијание на долгорочната конкурентност на компанијата „Плант Инженеринг“ врз македонското растително производство затоа што овозможува сигурен пристап на потрошувачите до здрава и безбедна храна. Високиот нутритивен и фитосанитарен квалитет на микросалатите обезбедува економски прифатливо растителното производство кое овозможува заштита на животната средина и природните енергетски ресурси. Производството на растенија со примена на in vitro технологијата ќе овозможи зајакнување на домашниот земјоделски сектор со цел да стане конкурентен на интегрираните регионални пазари преку зголемување на ефикасноста на растителното производство и пласманот на иновативни производи.