Ако црвеното месо во исхраната се замени со ситна сина риба, како што се инчуни, сардина или харинга, до 2050 година може глобално да се намали бројот на болести и годишно да се спасат и до 750.000 човечки животи, покажаа резултатите од студијата која ја спроведе тим од јапонски и австралиски научници.
Само во Велика Британија намалувањето на коснумацијата на црвено месо за 8% и неговата замена во исхраната со ситна риба во наредните 26 години може да спречи 10% од смртните случаи како последица на срцеви заболувања, велат јапонски и асвтралиски научници кои ја направија најголемата анализа од топ тип користејќи податоци добиени од над 130 земји во светот.
Истражувањето покажало дека најголем бенефит од таквата исхрана ќе почувствуваат сиромашните земји во светот.
Сината ситна риба е богата со хранливи материи со низок карбонски отпечаток, иако луѓето консумираат само 26% од уловот. Остатокот од уловот, вклучувајќи и значителна количина уловена во мориња на земји кои имаат неухранетост и несигурност на храната, се претвора во рибино брашно и рибино масло, со кои се исхрануваат поскапи риби како лососот.
Научниците одлучиле да истражат дали со замената на црвеното месо во исхраната со ситна сина риба може да се намали стапката на болести меѓу луѓето, што би резултирало со поздрав начин на живот и помала смртност.
Ситната сина риба е богата со омега-3 незаситени масни киселини, кои можат да спречат развој на срцеви болести, а изобилуваат и со калциум и витамин B12. Истражувачите потсетуваат и дека ситната сина риба има најмал карбонски отпечаток во споредба со која било друга храна од животинско потекло.
Тимот научници ја проектирал потрошувачката на црвено месо во наредните децении во 137 земји во светот, проценувајќи ја достапноста на ситната сина риба како замена за црвено месо до 2050 година, при што се користени историски податоци за риболовот. Установиле дека таквата промена во прехранбените навики може да спречи од 500.000 до 750.000 смртни случаи на глобално ниво до 2050 година, особено кога се во прашање болестите на срцето. ПРизнаваат дека сината риба сама по себе не е доволна за да го замени црвеното месо, но велат дека тоа е алтернатива која има потенцијал.
(Poslovni Dnevnik)
(фото: Piqsels)