Ново истражување открива кога силата и кондицијата почнуваат да опаѓаат, но исто така и дека редовната физичка активност може значително да го забави овој неизбежен процес. Намалувањето на физичките способности често се поврзува само со староста, но новите податоци покажуваат дека врвот на физичките способности се достигнува многу порано отколку што се сметаше претходно.
Голема и долгорочна популациска студија, објавена во Journal of Cachexia, Sarcopenia and Muscle, покажува дека силата и физичката кондиција почнуваат да опаѓаат околу 35-годишна возраст, без оглед на навиките за вежбање. Со возраста, ова опаѓање се забрзува, но неговата брзина сè уште може да се ублажи со физичка активност.
Поранешните истражувања честопати се потпираа на податоците на врвните спортисти, чии перформанси, и покрај постојаниот тренинг, обично го достигнуваат својот врв околу 30-годишна возраст. Иако спортистите обезбедуваат достапни и „чисти“ податоци, без влијание на седентарен начин на живот, авторите на претходно споменатата студија го нагласуваат очигледниот недостаток на таков пристап бидејќи не ја претставуваат општата популација.
Физички врв за двата пола помеѓу 26 и 36 години
За да се реши овој недостаток, научниците анализирале податоци од Шведската кохортна студија за физичка активност и фитнес. Станува збор за лонгитудинална студија која следела неколку стотици испитаници од 1974 година, почнувајќи од 16-годишна возраст. Истите учесници биле тестирани на возраст од 16, 27, 34, 52 и 63 години, што значи дека студијата траела 47 години.
Кај двата пола, мускулната издржливост и проценетиот максимален аеробен капацитет достигнале врв помеѓу 26 и 36 години, потоа се намалиле за 0,3 до 0,6 проценти годишно, а подоцна се намалиле дури за 2,5 проценти годишно, без разлика помеѓу мажите и жените. Мускулната сила имала поран врв, на возраст од 27 години кај мажите и 19 години кај жените. До 63-годишна возраст, вкупниот пад на физичките способности бил помеѓу 30 и 48 проценти во споредба со врвот.
Физичката активност е сè уште важна
И покрај неизбежноста на падот на физичките способности, животните навики на луѓето сè уште играат клучна улога.
Луѓето кои биле физички активни во слободното време на 16-годишна возраст одржувале повисок аеробен капацитет, мускулна издржливост и мускулна сила во текот на целиот период на следење, пишуваат авторите на претходно споменатото истражување. Учесниците кои станале поактивни во зрелоста, сепак успеале да ги зголемат своите физички способности за околу 10 проценти.
Никогаш не е предоцна да се започне со движење. Нашето истражување покажува дека физичката активност може да го забави падот на способностите, иако не може целосно да го запре, вели Марија Вестерстол од шведскиот институт Каролинска, главен автор на студијата, во публикација на веб-страницата на институтот.




























