Хонг Конг планира огромен инфраструктурен проект кој треба да го трансформира северниот дел во нова индустриска и технолошка зона и дополнително да го поврзе градот со кинескиот Шенжен. Проектот наречен Северна Метропола ќе опфати околу 30.000 хектари, или речиси една третина од вкупната површина на Хонг Конг, а властите го гледаат како еден од клучните проекти за идниот економски развој на тој финансиски центар.
Планот беше презентиран за прв пат во 2021 година и предвидува развој на четири големи економски области фокусирани на трговија, професионални услуги, технологија и екотуризам. Покрај деловните зони, се планира и голема станбена изградба. Околу 2,5 милиони луѓе на крајот треба да живеат во областа на Северната Метропола, односно приближно една третина од населението на Хонг Конг.
Во областа моментално живеат околу 1,1 милион луѓе, а властите сметаат дека новите работни места и подобриот пристап до кинескиот пазар треба да привлечат жители од густо населените урбани области на Хонг Конг, како и нови жители од Кина и странство.
Северната метропола е дел од пошироката стратегија на Пекинг за развој на таканаречената Голема Заливска Област, мрежа од 11 градови во делтата на реката Перл што Кина сака да ја развие во економски и технолошки регион способен да се натпреварува со Силиконската долина и Токио.
„Идејата е економски, логистички и социјално да се интегрира северниот дел на Хонг Конг со Големата Заливска Област, особено Шенжен, многу побрзо“, рече Сони Ло, професор на Универзитетот во Хонг Конг. Проектот, исто така, претставува значајна промена во политиката за развој на Хонг Конг.
По антивладините протести во 2019 година, властите значително ги ограничија активностите на политичката опозиција и граѓанското општество, што, според аналитичарите, отстрани некои од пречките што претходно можеа да ги забават големите инфраструктурни проекти. Во исто време, Хонг Конг сè повеќе се приближува кон кинескиот модел на развој, во кој се обидува економскиот раст да се стимулира со големи инвестиции во инфраструктурата насочени кон стратешки сектори како што е технологијата.
Минатата година, лидерот на Хонг Конг, Џон Ли, ја назначи Северната метропола за еден од столбовите на првиот петгодишен план за развој на Хонг Конг, моделиран според плановите за развој што ги користи кинеската влада. S&P Global Ratings проценува дека проектот би можел да чини повеќе од 360 милијарди хонгконшки долари, или околу 46 милијарди американски долари, во следните пет до шест години. Тоа е значително повеќе од проценката на владата на Хонг Конг од околу 224 милијарди хонгконшки долари. Околу 140 милијарди хонгконшки долари од трошоците треба да ги сносат државните тела. Северната метропола треба да се финансира преку комбинација од долг, капитал и партнерства со приватниот сектор.
Поддржувачите на проектот веруваат дека Северната метропола би можела да му помогне на Хонг Конг да ја диверзифицира својата економија, која традиционално во голема мера се потпираше на финансиски услуги и трговија. Во исто време, градот би можел да се обиде да го искористи технолошкиот раст на соседната кинеска покраина Гуангдонг.
Големиот развоен проект има и друга страна. Дел од селата, рибниците, мочуриштата и постојните населби во областа на Новите територии ќе мора да се отстранат за да се ослободи простор за нова инфраструктура, технолошки зони и станбени проекти. Првите иселувања треба да започнат наскоро, а дел од жителите се противат на преместувањето и бараат поголема компензација од властите.
Севернaтa метрополa не е првиот голем развоен проект со кој Хонг Конг се обиде да го реши проблемот со недостатокот на земјиште и да го стимулира економскиот раст. Проектот „Лантау визија за утре“, вреден околу 580 милијарди хонгконшки долари, предвидуваше изградба на вештачки острови со нов деловен округ и станови за дури 1,1 милион луѓе.
(Financije.hr)
Фото – Wikimedia





























