SpaceX ги откри плановите за изградба на огромен вселенски центар вреден 100 милијарди долари во Луизијана, од кој планира да ја лансира својата ракета Starship илјадници пати годишно. Изградбата треба да започне до крајот на следната година во близина на јужниот брег на округот Вермилион, а првото лансирање е планирано за 2029 година. Проектот би можел да ја претвори Луизијана, која никогаш немала орбитално лансирање, во најпрометниот вселенски центар во светот.
Комплексот ќе се вика Starbase Louisiana, по Starbase во Тексас, каде што SpaceX моментално го развива и тестира Starship. Локацијата во Луизијана би била наменета за редовни летови откако Starship ќе стане целосно оперативен.
SpaceX планира да слета и повторно да ги користи сите делови од Starship, вклучително и горната фаза. Тоа би вклучувало изградба на повеќе џиновски кули во Луизијана за сместување на ракети и вселенски летала откако ќе се вратат од вселената.
Илон Маск вели дека комплексот ќе има повеќе од десетина кули за лансирање и ќе биде способен за повеќе од 30 летови на Starship дневно, што го прави „најголемиот центар за лансирање на Земјата“.
Гвин Шотвел, главната оперативна директорка на SpaceX, рече дека е замислен како самоодржлив вселенски центар со сопствено производство на гориво и енергија, транспорт на длабоко море, капацитети за подготовка на вселенски летала и евентуално свој аеродром.
Сепак, реализацијата на таков амбициозен план зависи од неколку фактори. Starship сè уште не е оперативен и сè уште треба да докаже дека може сигурно да стигне до орбитата, да слета и да се користи повторно. Проектот Луизијана, исто така, ќе мора да помине низ обемни регулаторни и еколошки прегледи.
Планираниот комплекс би се протегал на околу 125.000 хектари, но Шотвел вели дека големи делови од земјиштето ќе останат недопрени за да се заштити вредно живеалиште на мочуришта.
Проектот покажува колку SpaceX смета на Starship за иднината на компанијата. Планот е на крајот да ги преземе повеќето мисии што моментално ги извршува Falcon 9, вклучително и лансирањето на сателитите Starlink.
SpaceX има намера да продолжи со лансирањето на Starship од Тексас, а планира и лансирање од Флорида. Сепак, доколку најавениот проект биде целосно имплементиран, Луизијана би станала убедливо најголемата база за Starship и еден од најважните вселенски центри во светот.
(021)
(фото: SpaceX)





























