Нето-богатството на Ванг Нинг се намали од 27,5 милијарди на 21,6 милијарди долари бидејќи побарувачката за плишаните кукли, кои го освоија светот, опаѓа, а цените по кои тие се препродаваат се намалуваат. Куклите Labubu станаа глобален феномен речиси преку ноќ, привлекувајќи ги и колекционерите и славните личности и прераснувајќи во еден од најпрепознатливите трендови на пазарот за играчки.
Сепак, се чини дека оваа помама стивнува, а последиците веќе се чувствуваат на берзата. Ванг Нинг, основачот на кинеската компанија Pop Mart – која ги произведува овие карактеристични плишани играчки – забележа пад на своето нето-богатство за речиси 6 милијарди долари за помалку од еден месец.
Според извештајот на Forbes од 15 септември 2025 година, богатството на Ванг се проценува на 21,6 милијарди долари, што е пад од 27,5 милијарди долари, колку што изнесувало кон крајот на август. Во тоа време тој беше побогат од Џек Ма, коосновачот на Alibaba. По падот на вредноста на акциите, тој сега се наоѓа на 14-тото место на листата на најбогати поединци во Кина.
Главната причина за овој пад е намалената побарувачка за куклите Labubu – вклучително и на кинескиот пазар – се наведува во проценките на JPMorgan Chase. Акциите на Pop Mart, со кои се тргува на Берзата во Хонгконг, паднаа за повеќе од 20 отсто од 28 август, датумот кога беше лансирана четвртата серија од овие играчки. Најновата серија на кукли Labubu се продаваше по цена од 79 јуани – приближно 11 долари – и е достапна во 28 бои и стилови. Иако играчките сè уште се препродаваат по повисоки цени на платформи како што е кинескиот сајт Dewu, нивната вредност на секундарниот пазар веќе не е на истото ниво. Цената на најновите модели е намалена за околу 14 отсто од моментот на нивното лансирање, достигнувајќи околу 150 јуани по парче.
Од Pop Mart изјавија дека една од причините за падот на цените е зголемувањето на производството, кое било спроведено како одговор на големиот интерес кај потрошувачите. Зголемената достапност на играчките ја намалува потребата колекционерите да ги бараат преку препродавачи и да плаќаат значително повеќе од првичната цена.
Сепак, падот во септември не значи дека компанијата ги изгубила сите добивки остварени во текот на годината. И покрај неодамнешното слабеење, нејзините акции се сè уште за повеќе од 180 отсто над вредноста што ја имаа на почетокот на 2025 година. Сепак, откако на 26 август достигнаа рекордно високо ниво, акциите на Pop Mart изгубија речиси една четвртина од пазарната вредност – што изнесува приближно 13 милијарди долари.
За да го одржи интересот на потрошувачите, Pop Mart – според извештаите од тоа време – планираше пред Божиќ да воведе нова верзија на куклите Labubu, како и интерактивни играчки. Labubu се дело на уметникот од Хонгконг, Касинг Лунг, а ликовите се дел од неговиот серијал книги насловен The Monsters (Чудовиштата). Нивниот изглед спојува слатки и малку морничави карактеристики: големи очи, зашилени уши и девет остри заби кои формираат карактеристична насмевка.
Првично куклите беа релативно достапни, со цени кои се движеа од под 25 до околу 100 долари, во зависност од моделот. Сепак, ретките верзии достигнуваа значително повисоки цени на пазарот за колекционерски предмети.
Приказната за куклите Labubu илустрира колку брзо еден вирусен феномен може да прерасне во голем комерцијален успех – но исто така покажува и колку е предизвикувачки да се одржи побарувачката откако ќе стивне почетното возбудување. За Pop Mart, клучниот предизвик ќе биде да докаже дека Labubu не е само минлив тренд, туку бренд способен да ги задржи купувачите дури и откако ќе исчезне ефектот на новина.
(Bizlife)
(фото: Pexels/Anthony Dalesandro)





























