Проф. д-р Сандер Шруверс, експерт за глобално лидерство со академско и професионално искуство во повеќе земји, ќе одржи предавање во рамките на 18. Меѓународна MHRA конференција на Македонската асоцијација за човечки ресурси.
Како културата влијае врз лидерството и деловното одлучување? Дали постои универзален модел на успешно лидерство и како македонските компании можат да ги искористат своите предности во меѓународното деловно опкружување? Овие прашања ќе бидат во фокусот на предавањето „Глобални лидерски стратегии“, кое ќе се одржи денеска, 14 октомври, со почеток во 17:30 часот, во просториите на СЕМОС Едукација во Скопје.
Предавач е проф. д-р Сандер Шруверс, професор по глобално лидерство на Амстердамскиот универзитет за применети науки (AUAS), професор по пракса на Универзитетот Бахриа во Пакистан и поранешен декан на HIU во Кина. Тој доаѓа во Скопје како визитинг професор на Скопје Метрополитан Колеџ.
Шруверс има меѓународно академско и професионално искуство во областа на глобалното лидерство, културната интелигенција и меѓународната комуникација. Автор е на повеќе од 90 книги и настапувал како говорник во над 60 земји ширум светот. Покрај академската кариера, работел и како извршен коуч и советник, со фокус на развојот на лидерските капацитети и функционирањето на организациите во различни културни средини.
Во последните години го предводи меѓународното истражување Global Leadership Survey, кое ги анализира националните лидерски профили и начините на кои културните специфики се одразуваат врз лидерските пристапи. Истражувањето опфаќа различни земји и културни контексти, овозможувајќи споредба на лидерските модели и подобро разбирање на нивното влијание врз деловните односи и организациската култура.
Што значат овие глобални искуства за Македонија?
За македонските компании, кои настојуваат да ја зајакнат својата конкурентност и да развиваат соработка со меѓународни партнери, разбирањето на културните разлики е важен дел од современото лидерство. Начинот на кој се носат одлуките, се комуницира со вработените, се гради доверба и се управува со тимови може значително да се разликува од една деловна средина до друга.
Затоа, предизвикот за домашните лидери не е само да ги следат глобалните трендови, туку и да препознаат кои практики одговараат на македонскиот контекст. Разбирањето на сопствените лидерски карактеристики и нивното успешно поврзување со меѓународните искуства може да отвори нови можности за развој на компаниите и нивно позиционирање надвор од домашниот пазар.
Со својот практичен пристап и искуство во различни меѓународни средини, проф. Шруверс ќе понуди поширока перспектива за тоа како лидерите и организациите можат да функционираат во сè поповрзаниот и културно разновиден свет.
Предавањето е дел од програмата на 18. Меѓународна MHRA конференција, во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси, и е наменето за менаџери, деловни лидери, професионалци за човечки ресурси, претприемачи и сите заинтересирани за современите лидерски практики и глобалните деловни стратегии.






























