Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поништи повеќе од 300.000 американски визи за време на неговиот втор мандат, соопшти денеска Стејт департментот.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, во објава на платформата X напиша дека администрацијата на Трамп поништила повеќе визи – и тоа со побрзо темпо – од која било друга администрација во историјата. Тој додаде дека администрацијата спроведува политика на нулта толеранција кон странските државјани кои го прекршуваат законот, вршат измами или ја загрозуваат националната безбедност.
Трамп во повеќе наврати изјави дека неговите строги мерки против имиграцијата и напорите за масовни депортации имаат за цел подобрување на внатрешната безбедност.
Активистите за човекови права тврдат дека оваа кампања ги прекршува законските процедури и правото на слобода на говор. Тие исто така наведуваат дека е создадена небезбедна средина, особено за етничките малцинства, кои изразија загриженост во врска со расното профилирање.
Администрацијата на Трамп, исто така, воведе построга проверка на профилите на социјалните мрежи што им припаѓаат на имигрантите и на апликантите за визи.
Активистите за човекови права тврдат дека владата се повикува на националната безбедност за „да ги таргетира критичарите на администрацијата“.
(021)
(фото: Wikimedia)





























