Македонски социјални претпријатија и дизајнери ги претставија своите производи на Design&Wine во CEED Hub Скопје

- Advertisement -

Денес и утре се одржува првиот Design & Wine викенд во просториите на CEED Hub Скопје на Машинскиот факултет кој е еден вид на саем на оригинални производи на македонски дизајнер и некои социјални претпријатија.

„Design & Wine е настан организиран од дизајнерите учесници на предакцелераторската програма за дизајнери на CEED Hub која се одржа минатата година со поддршка на ИМЕ програмата. Учесниците преку настанот си ги претставуваат своите креации и производи кои можат и да ги продаваат. Учествуваат и други дизајнери кои имаат свое студио. Дел од нив се и социјални претпријатија кои исто така произлегле од нашите програми.“, изјави Марко Георгиевски, програмски координатор во CEED Hub Скопје.

На Design & Wine може да се види изложен уникатен накит, рачно изработени честитки, кожни производи, парчиња мебел, креативни детски дрвени детали, дизајни за улична мода, домашна органска козметика, органски супстрати за домашни растенија, подароци за изненадување, рециклирана дизајнерска облека, платнени и волнени ташни и многу други интересни решенија.

- Advertisement -

Едни од оние кои се претставија е социјалното претпријатие Една прави кои на настанот имаат изложено дел од својата домашна органска козметика.

„Компанијата Една прави произлезе од невладината организација Една може и има за цел да ја зголеми вработливоста на самохраните родители кои ќе произведуваат органска козметика од природни состојки. Ваквите настани се важни за нас како социјални претпријатија не само како промоција на производите кои сме ги изработиле рачно, туку и за подигање свест за ранливите категории кои можат да пронајдат работа преку ваквите претпријатија.“, раскажува Билјана Костадиновска од Една прави.

- Advertisement -

Освен социјални претпријатија, на продажната изложба можат да се најдат и уникатни дизајнерски производи од македонски креативци. Една таква компанија е и МАкедонскаМушичКА кои преку накит и суверини создаваат бренд за македонската мушичка – мамка како нематеријално културно наследство.

- Advertisement -

„Бев учесник на предакцелераторска програма во CEED Hub и сум со надеж дека ќе придонесам кон популаризирање на овој бренд на македонската мушичка преку производи од текстил до накит изработен од филигран и епоксидна смола.“, изјави Марија Милошевска која стои позади оваа компанија.

Други компании кои можат да се видат на настанот се МамаОргана, социјално претпријатие кое прави органски супстрати за домашни растенија, Millow. кои произведуваат персонализирани рачно изработени честитки и многу други.

Design & Wine изобилува со креативна и позитивна енергија обединувајќи ги креативните и иновативните дизајнери кои преку програмите на CEED Hub Скопје почнале да градат една своја заедница преку која заеднички ќе се поддржуваат. Настанот трае и во текот на утрешниот ден (4. март, недела) од 10 до 18 часот каде можете да го посетите и да ги поддржите овие македонски млади компании.

Сподели!
- Advertisement -