Мета продолжува да ги засилува своите инвестиции во генеративната вештачка интелигенција со нови креативни алатки наменети за огласувачите. Технолошкиот гигант претстави пакет од нови функции со вештачка интелигенција, дизајнирани да им помогнат на брендовите побрзо да креираат маркетинг содржини за социјалните медиуми.
Првата нова функција се однесува на слики генерирани со вештачка интелигенција: огласувачите кои ја користат автоматизираната платформа за таргетирање реклами на Мета, Advantage+, сега ќе можат да генерираат нови варијации на оригинални реклами, вклучувајќи и слики преклопени со текст. Истите слики ќе може повторно да се искористат во различни размери за да се приспособат на објави за Reels и Facebook.
Новите функции за слики генерирани со вештачка интелигенција веќе почнале да се имплементираат и ќе бидат проследени со опција за генерирање позадински слики преку едноставен интерфејс со внесување на текстуални описи во наредните месеци.
Мета исто така лансираше AI функција за генерирање наслови и описи за реклами. Компанијата посочи дека е во процес на тестирање на способноста на основниот модел со вештачка интелигенција постепено да го препознава и одразува уникатниот глас и тон на одреден бренд кога генерира текст.
Новата функција за генерирање текст ќе биде глобално достапна до крајот на годината. Според компанијата, таа исто така ќе биде интегрирана со Llama 3, најновата верзија на големиот јазичен модел со отворен код на Мета.
Сите огласувачи кои ќе применуваат алатки со вештачката интелигенција за создавање, менување и објавување содржини на платформите на Мета ќе мора истото да го назначат на транспарентен начин. Новите функции со вештачка интелигенција нема да бидат достапни за огласувачите кои промовираат политички или социјални кампањи.
Извор – Маркетинг 365