Сместување во природа, на само два километри од Охридското езеро, уживање во домашни специјалитети и еколошка храна, уникатни ракии и ликери направени од цреши, малини, па дури и од дива оскоруша. Тоа се „Шато Орман“ и дестилеријата „Балаклија“ на Орце Стојаноски и неговото семејство, сместени во охридското село Орман.
Тие веќе подолг период работат на развој на еко туризмот во овој крај и на производството на домашни еколошки производи, со кои освојуваат награди на натпреварувања.
Стојаноски вели дека за него секоја капка високо квалитено вино, ракија, слатко, намаз што ќе ги произведат претставува чин на патриотизам, бидејќи на тој начин најдостојно ги претставува богатствата, убавините и потенцијалите на нашата земја.
Новинар – Сања Наумовска
Орце, раскажи ни ја приказната на Шато Орман и дестилеријата Балаклија?
Како четврта генерација наследник на фамилиjарниот имот кој се наоѓа во подножјето на живописните ридови на селото Орман, покрај реката Коселска- Даљан и на помалку од два километри од Охридското езеро, несебично решивме нашата еколошка и енергетска оаза да ја направиме достапна како агро-туристичка дестинација.
И покрај што професионалниот ангажман- повеќе од 15 години го обавував во сферата на графиката и издавaштвото надвор од Охрид, потенцијалот во туристичкиот сектор меѓу другото го ценев како отворен портал за презентирање на културата и традицијата, секако и преку земјоделските култури и нивните преработки, кои поради високиот квалитет карактеристичен за нашиот регион ја имаат компаративната предност и голем потенцијал.
Регистрирани сме како семејна дестилерија и домаќинство со сместувачки капацитет и во континуитет во однос на традицијата за одгледување земјоделски култури и нивни преработки во вино и дестилати. Овоштарникот со цреши, јаболка, дуњи, смокви, малини, огрозд, аронија и многу други култури кои успеваат во охридскиот крај се ставени во функција на концептот еко агротуризам, под чија капа се формирани Шато Орман и Дестилерија Балаклија. Од земјоделските производи, над кои имаме максимална контрола во однос на зачувување на еколошките стандарди за одгледување, произведуваме различни овошни дестилати, овошни ликери, пастеризирани напитоци, дехидрирани овошја и зеленчуци и слични производи кои се достапни за нашите гости и лојални клиенти кои навремено си ги резервираат посакуваните производи.
Како се роди идејата да развивате рурален туризам и да отворите дестилерија?
Постоеја повеќе аспекти или мотиватори за да се моделира концептот на Шато Орман и дестилерија Балаклија. Истите постојано се дополнуваа и потикнуваа нови и нови – до недоглед – како чудна магија. Основниот мотив, сепак, беше почитта кон фамилијата и одговорноста кон наследството.
Семејството е целосно посветено директно и индиректно за развојот на дестилеријата, сместувачкиот капацитет и агритуристичкиот концепт во целина. Да почнеме од мојот дедо, кој има 96 години, се родил во Орман и го оддржувал овоштарникот уште од дете, е мојота најголема поддршка и мој најдобар и најстар учител. Мојот татко, кој воедно е долгогодишен еколошки активист, најмногу е ангажиран за производството на зеленчукови и овошни култури одгледани на најприроден начин, со висок квалитет и мој советник за земјоделие и еколошки стандарди. Мојата мајка, која е веќе пензионер, се грижи за целокупното домаќинство и за беспрекорното гостопримство. Јас секако сум тој што мора да ги менаџира сите различни функции и производствени активности. Мојата сопруга пак ги врши административните и финансиските функции. И на крај нашите деца нашето најголемо богатство секогаш тука да помогнат – секоја година повеќе обврски и награди.
Може да се разбере како родољубие, или ако сакате патриотизам, што за нас претставува и секоја капка високо квалитено вино, ракија, слатко, намаз што ќе ги произведеме. Сите овие нешта ги потикнуваат силните импресии и задоволството на нашите гости дочекани во Шато Орман од и во Македонија.
Археологијата во непосредна близина, но и агрономијата во поново време, хронолошки многу наназад, потврдуваат сериозен континуитет на производство на исклучително квалитетни земјоделски култури точно на просторот каде сме сместени. Имено, охридските цреши, патлиџани, јаболка, круши ….биле едни од најпосакуваните плодови многу одамна, што се должи на уникатната ароматика, вкусови и исклучително квалитетни еколошки производи – такви се и денес и тоа е нашата шанса.
Живееме во време кога за да се стигне до еколошки исправни производи на глобалниот пазар навистина е реткост и скапа привилегија. Нашите висококвалитетни земјоделски производи и земјоделски потенцијал се несомнено присутни, возможни, но се исто така и наша одговорност. Трендовите во руралниот или еко/агротуризмот во развиените земји имаат долг континуитет и развој, а за нас тие се модел кон кој се стремиме, но и мотив да се докажуваме и достојно натпреваруваме, а со храната, односно неповторливите вкусови и да победуваме. Нашиот потенцијал и светските трендови во нашата дестилерија конечно се на исто ниво, а уште повеќе, сакаме нескромно да веруваме дека ќе придонесеме и за активирање на нови трендови.


Кој беше најголемиот предизвик на патот од идеја до реализација?
Во Македонија може да се каже дека сме едни од пионерите во современиот еко/агротуризам, но во времето кога мотивацијата беше поголема или несообразена со потребите за реализација на нашиот концепт за современ еко-туризам, значајна беше поддршката на ИМЕ проектот финансиран од страна на швајцарската програма за подршка и развој.
Финансискиот дел се разбира секогаш е значаен, но за нас особено значајна беше стручната или експертската поддршка во многу сегменти и од повеќе страни, особено од стекнатото ускуство, отвореноста и добронамерноста на докажани експерти како од ИМЕ програмата, така и од државни институции, независни експерти, енолози, агрономи и сл.
Можеби најголемиот предизвик беше регистрирање на дејноста особено на дестилеријата. Се соочивме со голем број препреки најмногу од институционален карактер поради кои изгубивме драгоцено време и можности и за жал на моменти делуваа и демотивирачки и обратнопропорционално на декларирањето можности за развој и потикнување на развојот во делот на земјоделие, како и туризам. Поставениот концепт нè соочи со уште еден значаен предизвик, а тоа беше да го сообразиме концептот со природата, особено кога требаше да се планира обновата на застарената инфраструктура и адаптација на техничките објекти за да ни малку не се наштети на еколошкиот амбиент на просторот. Концептот предвидуваше користење исклучиво на природни материјали и така се реализира.
Користењето на локално произведена храна и продукти се дел од вашата филозофија и практика кога ги произедувате вашите ракии и ликери. Зошто тоа е важно за вас?
Можноста да ги користиме сопствените производи е значајна за нас од повеќе аспекти. Користиме проверени производи од највисок квалитет со кои ги послужуваме нашите гости. Квалитетот секогаш е препознаен и носи задоволство и за двете страни. Производите со висок квалитет се предуслов за производство и на нашите финални производи. Го искористуваме целото производство и со тоа додаваме вредност на производите. Се стремиме да ги мотивираме производителите во нашето соседство кои го практикуваат начинот на еколошко земјоделско производство и нивните производи да бидат искористени за исти или слични преработки.

Што ги прави вашите продукти уникатни во споредба со поголемите производители?
Во однос на големите производители како и индустриските производители на зеленчукови и овошни култури и нивните преработки имаме значајна компаративна предност. Тоа се апсолутно неспоредливите карактеристики на производите од еколошки аспект. Да се произведуваат органски – еколошки производи – често значи намален квантитет, но целта секако е високиот квалитет.
Истиот пристап го практикуваме и кога ги подготвуваме дестилатите и другите преработки. Дестилатите ги произведуваме исклучиво од најквалитетните овошни култури, кои поминуваат во фазите на миење, чистење од семки, дршки, дробење и пасирање во специјализирани машини, кои обезбедуваат безбеден третман, контролирана ферментација, пастеризирање, ако се сокови и дестилирање во соодветни дестилатори.
Во дестилеријата произведуваме лозова ракија, која одлежува 4 години во дабови буриња и се подготвува од висококвалитетно бело вино, црешова ракија, карактеристична за охридскиот крај, јаболкова, ракија од дуња, како и ликери од аронија, малина, огрозд, смоква, капина и ликер од дива оскоруша, единствен на нашиот пазар, кој е и наградуван на специјализирани меѓународни натпревари за дестилати. Може да се набават од куќен праг или со онлајн нарачка.
Освен овошјето кое целосно е наше производство, сите зеленчуци кои ги користиме за подготвување на храната на нашите гости, доматите, пиперките, краставиците, многу зачини се од нашата домашна бавча. Имаме и преработки, како сушени домати во маслиново масло, џемови слатко од цреша, смоква…


Колку е важна приказната во дочекувањето гости и продажбата на вашите производи?
Туризмот, посебно искуствениот подразбира убаво “спакувана”, но и презентирана приказна, но секогаш непосредноста и гостопримливоста ги создаваат најубавите емоции кои се секогаш возвратени и бесценети.
Благодарение на местоположбата, археолошкото, историското и природното богатство ни овозможуваа изобилие на приказни, кои се трудиме автентично да ги презентираме. Така е примерот со најстарата камена секира која е пронајдена во непосредна близина, за Атанин Мост, за беговите што тука живееле, за начинот на живот и предизвиците низ вековите.
Со оглед на тоа дека сте стационирани во Охридскиот регион, каде што долги години се развива масовен туризам, може ли руралниот туризам да стане попривлечен и побаран од туристите?
Се трудиме да се информираме и ги следиме глобалните трендови што секако во одреден момент се отсликуваат и кај нас. Може со сигурност да забележиме дека позитивен тренд во однос на руралниот туризам постои и кај нас. Повеќе од 80% од нашите гости доаѓаат од европските земји и се прекрасни и навистина гости какви можеме да си посакаме. Тоа треба можеби да биде и сериозен показател дека руралниот туризам како и земјоделието се голем потенцијал за кој е потребна континуирана поддршка и стратешки третман и на државно ниво.
Од достапните информации може да се забележи дека има сериозен раст на овој вид туризам во соседните држави кои инвестираат, промовираат и сериозно го подржуваат руралниот туризам. Заради тоа не смееме да заостануваме и да не ги користиме реалните шанси.
Што обично бараат туристите кога сакаат да доживеат автентично руралното искуство?
Чиста и здрава храна, хуман однос кон природната средина и животните безусловно. Срдечност и гостопримство – такви нè препознаваат.
Какви се вашите планови за во иднина?
Да продолжиме да произведуваме најквалитетни производи и со такви да ги дочекуваме нашите гости без разлика од каде ни доаѓаат.





























