Западен Балкан да се фокусира на обновливи извори, а не на гасификација, апелираат граѓански организации од регионот

- Advertisement -

Тие сметаат дека регионот се соочува со неизбежно затворање на старите електрани на јаглен и растечките финансиски притисоци поврзани со воведувањето на цените на јаглеродот, вклучувајќи ги давачките како ЕУ ЕТС и CBAM, и предупредуваат дека преминот кон фосилен гас е економски и еколошки ќорсокак

- Advertisement -

Претставници на граѓански организации за заштита на животна средина од Западен Балкан апелираа до владите во регионот да ги запрат плановите за понатамошна гасификација и да ги пренасочат ресурсите кон праведна транзиција и обновливи извори на енергија. Тие сметаат дека регионот се соочува со неизбежно затворање на старите електрани на јаглен и растечките финансиски притисоци поврзани со воведувањето на
цените на јаглеродот, вклучувајќи ги давачките како ЕУ ЕТС и CBAM, и предупредуваат дека преминот кон фосилен гас е економски и еколошки ќорсокак.
„Анализата на CEE Банквоч Нетворк и Бијонд Фосил Фјуелс покажува дека изградбата на планираните капацитети би го зголемила годишниот увоз на гас во регионот за 10,5 милијарди кубни метри – повеќе од три пати поголем од вкупната потрошувачка на фосилен гас во регионот во 2023 година заканувајќи се да го заглави регионот во децениска зависност од скап увоз и проекти кои би можеле да станат финансиски неодржливи пред да бидат исплатени“, посочуваат од Еко свест.
Од организацијата информираат дека минатата година Македонија најави почеток на изградбата на гасниот
интерконектор со Грција, иако процесот на експропријација сè уште не е завршен, а неколку правни прашања остануваат нерешени. Исто така, се планира изградба на најмалку две дополнителни термоелектрани на гас, со што значително се надминуваат ограничувањата предвидени во тековниот Национален план за енергетика и клима, односно во енергетската стратегија. Во 2025 година беше потпишан меморандум со „Казанџи Холдинг“ за изградба на гасни постројки и дистрибутивни мрежи, при што деталите за овој договор не се прецизирани. Организациите предупредуваат дека Европската комисија јасно изјави дека нема да финансира нови проекти за гас во Западен Балкан, додека Европската инвестициска банка (ЕИБ) експлицитно го исклучи финансирањето за нови проекти за гас.
„Наместо да инвестираат во 2.700 километри нови регионални цевководи и мегаломански проекти за гас со странски корпорации, јавните средства и поддршката од меѓународните финансиски институции мора итно да се насочат кон енергетска ефикасност, модернизација на дистрибутивните мрежи, инсталација на топлински пумпи и складирање на енергија“, велат екологистите.

- Advertisement -

(Meta.mk)

Фото – Wikimedia

- Advertisement -