Македонија добива уролог обучен за роботска хирургија на глобална програма

- Advertisement -

Mакедонскиот уролог д-р Виктор Станков, од Универзитетската клиника за урологија во Скопје, кој е на меѓународна програма за едукација по роботска хирургија во Кина, доби признание за „Outstanding Fellow“, доделено во рамки на годишното собрание на болницата First Affiliated Hospital of Guangzhou Medical University во Гуангжу, каде што ја обавува едногодишната fellowship програма.

Станува збор за високо-специјализирана програма која се реализира во рамки на глобалната Endourological Society – водечка светска организација во областа на минимално инвазивната и роботската уролошка хирургија. Програмата овозможува интензивна практична обука и директно учество во комплексни роботски хируршки процедури со најсовремени технолошки системи.

- Advertisement -

Инаку признанието се доделува на учесници кои покажале исклучителни професионални резултати, посветеност и високо ниво на експертиза во текот на програмата.

Неговата едногодишна програма завршува наскоро, по што ќе се врати дома  сертифициран за работа на робот. Со стекнатото знаење и практично искуство во областа на роботската хирургија, д-р Станков изразува подготвеност и амбиција да придонесе кон развојот на оваа високо-софистицирана медицинска гранка во земјата, со цел воведување и унапредување на најсовремените, минимално инвазивни хируршки техники.

- Advertisement -

– „Се надевам дека знаењето стекнато во еден од најнапредните центри за роботска урологија ќе имам прилика да го споделам и имплементирам кај нас. Верувам дека Македонија ќе создаде клима и услови за да ги овозможиме придобивките од роботската хирургија и за нашите граѓани. “ изјави д-р Станков.

Роботската хирургија претставува глобален тренд во современата медицина, овозможувајќи поголема прецизност, побрзо закрепнување и подобри клинички резултати за пациентите. Со неговото враќање, Македонија добива дополнителен капацитет за развој на оваа област и можност за приближување кон светските стандарди во уролошката хирургија.

- Advertisement -

Инаку ова е второ признание на Д-р Станков, тој претходно победи на натпреварот на млади уролози во Кина, каде од вкупно 200 учесници тој го освои првото место за најдобра презентација на операција. Натпреварот беше следен онлајн од 9000 уролози од цела Кина.

Сподели!
- Advertisement -