Во третиот квартал од оваа година американскиот производител на електрични возила Tesla оствари нето-добивка од 787 милиони долари – што претставува пад од 43 отсто во споредба со истиот период минатата година – објави компанијата во својот извештај до акционерите. Приходите останаа на истото ниво како и пред една година, достигнувајќи 28,05 милијарди долари, додека оперативната добивка се намали за 56 отсто, на 718 милиони долари.
Tesla го припишува падот на добивката првенствено на повисоките оперативни трошоци. Овие трошоци се зголемија поради инвестициите во вештачка интелигенција – која компанијата ја нарекува „супер-интелигенција“ – и други развојни проекти, како и поради трошоците за надоместоци во форма на акции, вклучително и пакетот за надомест на извршниот директор. Расходите за истражување и развој се зголемија на 2,76 милијарди долари, во споредба со 1,63 милијарди долари една година претходно.
Капиталните расходи се зголемија повеќе од двојно, достигнувајќи 4,73 милијарди долари. Сепак, компанијата оствари слободен паричен тек од 1,53 милијарди долари, а на крајот од септември располагаше со 45,4 милијарди долари во готовина и краткорочни инвестиции.
Приходите од продажба на возила се намалија за три отсто, на 20,56 милијарди долари. Приходите од системи за складирање енергија паднаа за 16 отсто, делумно поради поврат на средства на клиентите поврзан со царините. Истовремено, приходите од услуги, полнење и осигурување пораснаа за 33 отсто. Заработката од продажба на регулаторни кредити на други производители се намали од 417 милиони долари на 113 милиони долари.
Добивката беше поткрепена со нереализирана добивка од 288 милиони долари од биткоинот што го поседува Tesla. Уделот во SpaceX – уште една компанија во сопственост на Илон Маск – резултираше со нереализирана загуба од 142 милиони долари.
Во третиот кварта, Tesla испорача 486.532 возила – што е пад од 2% во споредба со претходната година – а исто така го произведе и својот десетмилионити автомобил. Компанијата известува дека бројот на нереализирани нарачки за патнички возила е на највисоко ниво во последните четири години, при што напоменува дека недостигот на батерии останува главната пречка за зголемување на производството.
Компанијата започна со производство на својот хуманоиден робот Optimus во својата фабрика во Фримонт, Калифорнија, а исто така започна и сериско производство на електричниот камион Semi во Невада.
Во Северна Америка системот за помош на возачот „FSD (Supervised)“ е вклучен во повеќе од 75 отсто од новоиспорачаните возила. Овој систем сè уште бара надзор од страна на возачот. Во Европската унија тој е одобрен за употреба во девет земји, меѓу кои се Хрватска, Словенија, Чешка и Словачка. Според податоците на компанијата, таму го користат повеќе од 100.000 клиенти, кои заедно имаат поминато над 160 милиони километри користејќи го системот. Претходно овој месец, Klix.ba објави дека Tesla го преименувала овој систем во Европа, како и дека гласањето за негово одобрување на ниво на целата ЕУ е одложено за декември.
(Klix.ba)
(фото: Pexels/Craig Aderley)




























