Меѓународен тим на научници дигитално го реконструираше лицето на еден од најраните познати претставници на нашиот вид, кој живеел пред приближно 315.000 години на територијата на денешен Мароко. Студијата е објавена во научното списание Heritage.
За овој потфат се заслужни бразилскиот 3D дизајнер Сисеро Мораес и неговите коавтори од Австралија, Италија и Полска. Реконструкцијата се заснова на фосили пронајдени на локалитетот Џебел Ирхуд во Мароко.
Според две студии објавени во списанието Nature во 2017 година, овие остатоци му припаѓаат на видот Homo sapiens и датираат од пред околу 315.000 години (со маргина на грешка од приближно 34.000 години). Станува збор за најстарите познати фосили од нашиот вид.
Првиот череп од овој локалитет бил откриен случајно во раните 1960-ти години од страна на работник кој ископувал минерали. Во тоа време се верувало дека станува збор за африкански неандерталец, кој живеел пред околу 40.000 години.
Реконструкцијата не претставува портрет на еден конкретен поединец. Како основа, авторите искористиле композитен 3D модел на череп, објавен во 2017 година од Институтот Макс Планк за еволутивна антропологија во Лајпциг. Најголемиот дел од овој череп потекнува од фосилот познат како Ирхуд 1, додека деловите што недостасувале – како што се долната вилица и забите – биле преземени од други единки пронајдени во истиот археолошки слој.
Користејќи видеа и слики објавени од Институтот Макс Планк, Мораес изработил тридимензионален модел на черепот. Потоа, тој зел CT-снимка од современ возрасен човек (чиј идентитет останува анонимен) и ја прилагодил нејзината форма за да одговара на обликот на древниот череп. Дебелината на меките ткива била одредена врз основа на податоци за луѓе со африканско потекло, а целиот проект е реализиран со помош на бесплатниот софтвер Blender.
Волуменот на черепната празнина во моделот изнесува 1.364 милилитри. Ова е блиску до претходната проценка од 1.375 милилитри, добиена преку СТ-снимки од самиот фосил.
Авторите изработија две верзии: една во нијанси на сива боја — без коса или брада — која ја прикажува само структурата на лицето изведена од коските, и една „уметничка“ верзија во боја, која вклучува тен на кожата, коса и брада. Тие нагласуваат дека овие детали се шпекулативни, бидејќи не можат да се утврдат врз основа на фосилите.
Тие го опишуваат резултатот како анатомски веродостојна апроксимација, а не како дефинитивна реконструкција – бидејќи не постојат податоци за меките ткива кај хоминините од плеистоценот, наместо тоа се користени податоци од современите луѓе.
(Klix.ba)
(фото: Pexels/Boris Hamer)




























